На денешен ден се навршуваат осум години од смртта на легендарниот македонски рок музичар и поет, Симеон Иванов – Канго, а по тој повод го реобјавуваме интервјуто кое го направивме со него и неговата сопруга Љубица пред 12 години.
-Љубица е љубовта на мојот живот, ја запознав кога имаше 18 години во цутот на младоста, а се земавме кога јас имав 28, а таа 21 година, и набргу ни се роди нашата прва ќерка Драгана. Потоа уште една ќерка Александра, и за третото дете се надевавме дека ќе биде машко, но ете излезе уште една ќерка, Ивана, за што другарите доста се зафркаваа на моја сметка.
На крајот станав горд на моите три ќерки кои се плод на таа голема љубов со мојата сакана, заради која впрочем се вратив во Кочани, иако бев тргнал на пат во Русија. Таму останав неколку месеци, меѓутоа емоциите кон родниот крај и носталгијата кон саканата ме вратија во старото огниште.
Сега кога ќе ме потпрашаат старите пријатели дали се каам поради оваа одлука, им велам дека баш напротив, јас сум горд на тоа дека храбро се носам со тешкотиите со кои се соочуваат уметниците во мала држава како Македонија, меѓутоа јас со моето семејство остануваме да живееме во татковината и да твориме за името на таа љубов кон корените.
Всушност тоа е она што ме одржува толку години со мојата сакана Љубица заради идејата да се зачува вистинската вредност во живеењето, а тоа е пред се семејството, потомството и татковината. Тоа е мојата најголема среќа и дар за живот вечен, ни раскажа Канго во интервјуто од пред 12 години.
Додаде дека љубовта со Љубица ја одржувале низ годините со грижа и разбирање кое го имале еден кон друг.
Љубица пак, во интервјуто ни раскажа дека животот со Канго, како таков уметник, самиот по себе претставувал една необична авантура уште од самиот почеток.
-Се работи за посебен човек со големи визии и невидена волја и упорност за остварување на истите. Меѓутоа, уште од првиот момент кога го сретнав, знаев дека тој е човекот на мојот живот. Сите другарки чудно ме гледаа, зошто јас како скромно девојче го избрав тоа ексцентрично момче, своевремено уникатен со имиџот и напредните сфаќања.
Но, мене ме привлече токму со неговата различност, и некако ние двајцата го воспоставивме тој баланс помеѓу скромноста, карактеристична за мене, и експлозивноста, карактеристична за него.
И секогаш, кога ќерките ќе го прашаат како проценил дека јас сум жената на неговиот живот, тој им кажува дека го пронашол мирот во моите очи, вистина која тој си ја опеа во своите песни и ја опиша во своите поеми.
Се на се, беше голем предизвик за мене како жена да се живее со така слободоумен човек, а сепак успешно ги одгледавме трите ќерки и целата обврска што ја носи семејството. Пак ќе кажам, она кое не одржа низ годините се љубовта и разбирањето, ни раскажа Љубица во заедничкото интервју со Канго, кое го направивме четири години пред тој да почине по тешката болест со ракот.
Вики Клинчарова
НА ЌЕРКИТЕ ИМ КАЖУВАШЕ ДЕКА ГО ПРОНАШОЛ МИРОТ ВО МОИТЕ ОЧИ: РЕОБЈАВА НА ЗАЕДНИЧКОТО ИНТЕРВЈУ СО КАНГО И ЖЕНАТА НА НЕГОВИОТ ЖИВОТ
3 Mins Read

