По околу 26 години од поставувањето на првите семафори во Неготино, кои не функционираа долго, вчера започна поставување на нови, на потегот на ул. ,,Маршал Тито’’ со ,,Антигона” и ,,Борис Кидрич”.

Веста ја објави градоначалничката Марија Нацева, посочувајќи дека истите ќе овозможат поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, како за автомобилите, така и за пешаците.
Инаку, во годините наназад, неретко се правеа шеги на сметка на неготинци, токму поради тоа што во градот немаше семафори.
Како потсетување, првите семафори во Неготино беа поставени на раскрсницата во центарот на градот, пред околу 26 години, но бидејќи жителите не беа навикнати, се случија многу сообраќајни незгоди токму поради нив.
Кога во 1995 година се случи големата поплава во градот, семафорите беа уништени, а граѓаните на некој начин здивнаа и никој не побара да се постават нови. 
Бидејќи отсекогаш постоело големо ривалство меѓу градовите Кавадарци и Неготино, кавадарчани честопати правеа шеги на сметка на неготинци токму поради тоа што во градот немаше семафори. Најчесто, за време на спортски натпревари меѓу двата града, како провокација кавадарчани ја пееја песната “Семафор сум дете, имам светла три, од Неготино си знам, не ме знаеш ти!”.
В.К.

