Тања Кочовска, првенката на МНТ, наградена на театарскиот фестивал “5-РЕ”, соопшти Македонски народен театар.
-Во рамките на петтото, јубилејно издание на театарскиот фестивал „5-РЕ“, вечерва на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, свечено ќе биде доделена наградата за најдобра споредна женска улога на првенката на ансамблот на Македонскиот народен театар, Тања Кочовска, за нејзината впечатлива интерпретација во ликот на Спиројца во претставата „Народен пратеник“, истакнаа од МНТ.
Со едногласна одлука, фестивалската жири-комисија во состав: Зорица Панчиќ – актер, Владимир Тулиев – актер и Елеонора Теова – режисер, го даде следното образложение:
Таа влезе на сцената поседувајќи остра духовитост и доминантно присуство, што секоја реплика и гест ги претвораше во победа.
Нејзината изведба беше брилијантна со непоколеблива самодоверба, докажувајќи дека не ви требаат многу реплики за да бидете највпечатливиот лик на сцената. Таа донесе освежителен шарм на сцената што ја натера публиката веднаш да се поврзе со нејзиниот лик.
Она што ја издвојуваше беше нејзината автентична интерпретација. Со нејзината духовитост и индивидуалност, таа ја воздигна целата изведба, објави МНТ.
Деск

