Тони Михајловски, првенец на Македонскиот народен театар е добитник на наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата „Народен пратеник“ на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац, соопшти Македонски народен театар. За истата претстава и актерката Тања Кочовска доби награда за најдобра споредна женска улога на театарскиот фестивал „5-РЕ“, синоќа на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.
Претставата „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, во продукција на Македонски народен театар, беше изведена пред фестивалската публика и стручната јавност, при што актерската екипа доби силни аплаузи и одличен прием.
„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ е реномиран театарски фестивал кој од 1995 година се одржува во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ. Фестивалот традиционално се одржува во првата недела од април и на публиката ѝ нуди селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижни театри во Србија и регионот.
Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетата „Миливоје Живановиќ“. Помеѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.
Претставата „Народен пратеник“ бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од балканската турнеја, изминатиов период. Досега има гостувано во Народното позориште во Белград, на сцената „Раша Плаовиќ“, во Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина. Претставата е изведувана и на реномирани фестивали, меѓу кои и „Стериино позорје“, пред регионална публика.
„Народен пратеник“ е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, како и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра, соопштија од МНТ.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Деск
НАШИТЕ АКТЕРИ НИЖАТ НАГРАДИ: ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР АКТЕР НА ФЕСТИВАЛ ВО ПОЖАРЕВАЦ
2 Mins Read
Previous ArticleАЛЕКСАНДАР МАТОВСКИ ЦАКО – ПРИКАЗНА ШТО МЕНУВА ПОГЛЕДИ

