Популарниот пејач Владо Георгиев дојде во Скопје и го најави својот концерт кој ќе се одржи на 24 април во СЦ Јане Сандански во Скопје, под наслов „Господски“.
За време на своето дружење со македонските новинари, Георгиев истакна дека со овој концерт има за цел да ги потсети слушателите на, како што вели, „вистинските вредности“ во музиката, наспроти моменталните трендови кои доминираат на сцената.

Тој откри дека за скопската публика подготвува и посебно изненадување – изведба на една од најубавите македонски песни. Како што изјави за ВИКИМЕДИА, постои можност да ја отпее „Елено ќерко, Елено“, песна која му била посебно драга поради неговата ќерка Елена, која ја обожавал.
Георгиев не ја крие својата поврзаност со македонската публика, нагласувајќи дека секогаш има одлична комуникација со неа.
„Ја сакам македонската публика и секогаш остваруваме посебна врска на настапите“, изјави пејачот.
Воедно, тој посочи дека во последните години сè почесто забележува и значително помлада публика на своите концерти. Според него, станува збор за млади луѓе кои не се водат исклучиво од моменталните трендови, туку ја ценат музиката со трајна вредност.
„Постојат млади луѓе кои едноставно ја сакаат мојата музика, без разлика дали нивните родители ме слушале или нивните баби и дедовци. Има публика од 15, 16, 17 години која доаѓа на концерт и ги знае сите мои песни. Тоа е вистински благослов за мене“, истакна Георгиев.
Концертот „Господски“ се очекува да донесе вечер исполнета со емоции, квалитетна музика и, како што вели Георгиев, враќање кон вистинските музички вредности.
Марија Клинчарова

