По рекордната продажба на билети низ целиот регион, турнејата „Ја за чуда летим“ продолжува со нов голем концерт во Македонија. На 3 август, со почеток во 20:00 часот, Јаков Јозиновиќ ќе настапи во Античкиот театар во Охрид, во рамки на музички спектакл под отворено небо.
Сцената сместена во близина на Самоиловата тврдина повторно ќе биде центар на музичките случувања во градот, каде публиката ќе има можност да доживее вечер исполнета со емоции, носталгија и безвременски хитови од просторот на поранешна Југославија.
Јаков Јозиновиќ, кој важи за еден од највпечатливите нови музички имиња на Балканот, е препознатлив по својата интерпретација, сценска харизма и автентичен пристап кон изведбата. Неговите настапи се опишуваат како повеќе од концерти – како целосни музички доживувања што поврзуваат различни генерации.
Охрид, со својата препознатлива амбиентална вредност, ќе биде сцената на која публиката ќе биде дел од уште една вечер исполнета со музика, емоции и атмосфера која остава силен впечаток.
Деск

