Голем број на граѓани излегоа на градскиот плоштад во Неготино, да им посакаат топло добредојде на учениците кои се дел од Драмскиот клуб при Основното општинско училиште Страшо Пинџур, а кои учествува на престижен интернационален фестивал во Санремо, Италија.
Во силна конкуренција, младите уметници од Неготино достоинствено ја претставија својата креативност и талент, а нивниот успех претставува гордост за локалната заедница и потврда за посветеноста и талентот на младите. Дочекот беше во организација на култниот Мидл Паб, а атмосферата беше исполнета со музика, аплаузи и искрени честитки. Прославата се претвори во вистински празник, во чест на младите уметници кои со својот успех ја обединија заедницата.

Целата приказна за оваа група млади ентузијасти кои, преку својата креативност и сценски израз, се вистински амбасадори на земјата, пренесувајќи позитивна слика за македонската култура и младинскиот дух на меѓународната сцена, во продолжение, раскажана од страна на одговорните наставнички на Драмскиот клуб при ООУ„Страшо Пинџур“, Александра Балкански, Јасмина Анѓелкова и Трајанка Апостолова.
-Драмскиот клуб настапи со „Aladdin dance“, танцова точка инспирирана од претставата „Аладин“, со која ја освои публиката и остави впечаток на сцената во Санремо.
Драмскиот клуб при ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино постои веќе две години. Формиран е во септември 2024 година и работи според сопствена програма за воннаставни активности. Во клубот членуваат ученици од предметна настава, од шесто до деветто одделение.
Интересот за учество од година во година расте, па денес клубот брои околу педесет членови. Причината за тоа е можноста учениците да ја развиваат својата самодоверба, сценски настап и креативност, како и да ги унапредуваат своите вештини во глума, пеење, цртање и пишување. Освен актерскиот дел, учениците активно учествуваат и во изработка на костими и сценографија, како и во подготовка на сценарија и режија.

Пред официјалното формирање на клубот беше реализирана претставата „Бегалка“, во режија на наставничката Маја Атанасова, при што сегашните ментори дадоа значаен придонес во сценографијата и костимографијата.
Првата претстава поставена на сцената на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ беше „Снежната кралица“, по што следуваа „Аладин“, а во март годинава и „Заспаната убавица“. Учениците настапија и на меѓународниот карневал во рамки на кавадаречкиот Гроздобер, по покана на Општина Кавадарци. Како признание за успешната работа, клубот оваа година ја доби наградата „8 Ноември“ за постигнувања во областа на образованието.
Во февруари, на иницијатива на директорката Љубица Толовска, клубот аплицираше на GEF – The World Festival of Creativity in Schools во Санремо, Италија, и беше избран меѓу десетте финалисти за настап на сцената на Театар „Аристон“. На фестивалот учествуваат ученици од целиот свет со различни уметнички изрази – пеење, хор, мјузикл, оркестар, гимнастика, танц и театар. Драмскиот клуб се претстави со „Aladdin dance“, танц од претставата „Аладин“.

Целиот престој и патување беше на товар на учесниците, па затоа се одлучивме да побараме финансиска помош од Општината и од општествено одговорните компании од градот.
Им благодариме на сите оние кои ни помогнаа со финансиски средства: нашиот генерален спонзор Интекар Глобал, Корона Душко ДООЕЛ, ТТ Кабели, Совет на Општина Неготино, Прозденка Кабли, Мигоз Саше ДООЕЛ, Алкито, Технички Институт, ГСГ Компани, Дримленд Еми, Тритерол, Ким ДООЕЛ, Фото Бубо, Делта Тим, Елград, 15 Јануари, Ролетар Орце – Иван, Афродита. Со материјална помош помогнаа: Бутик Смајли, Кожувчанка, Горска, Фурна Цанка и Коцеви.
Особено сме горди што името на нашето училиште, нашиот град Неготино и нашата Македонија одекнаа на сцената на Театар „Аристон“ во Санремо.
Да се биде меѓу десетте финалисти и да се настапува на сцена каде што настапувале светски уметници претставува исклучително искуство за сите нас – и за учениците и за наставниците. Тоа се моменти кои создаваат трајни спомени, нови пријателства и инспирација за идни успеси.

Како резултат на успешната соработка со НУ Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, во јули 2025 година беа поднесени два проекти до Министерството за култура и туризам, кои се одобрени: „Едукативна работилница за традиционална игра, инструменти и носија“ и театарската претстава „Чорбаџи Теодос“. Во тек е подготовка и на уште две нови театарски претстави – истакнуваат наставничките Александра Балкански, Јасмина Анѓелкова и Трајанка Апостолова.
В.К.

