Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информираше дека Владата на денешната 166-та седница донела две одлуки со цел стабилизација на цените на вештачките ѓубрива и поддршка на домашното земјоделско производство.
Како што посочи министерот, со првата одлука се ограничува бруто профитната маржа на ѓубривата во целиот трговски синџир. За неорганските ѓубрива маржата се ограничува до 5 проценти во трговијата на големо и до 5 проценти во малопродажба, додека за органските, органо-минералните ѓубрива и биостимулаторите маржата ќе изнесува до 10 проценти на големо и до 10 проценти на мало.
„Целта е да се обезбеди достапност на ѓубривата и да се заштитат земјоделците од растот на цените“, изјави Трипуновски.
Дополнително, со оваа одлука се воведува и обврска за континуирано снабдување на пазарот. Трговците на мало ќе мора месечно да продаваат најмалку 70 проценти од просечните набавени количини во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат малопродажните субјекти со најмалку 70 проценти од просечно продадените количини.
Со втората одлука, Владата предвидува корекција на цените на постојните залихи, односно нивно намалување до 10 проценти за производите набавени по повисоки, претходни цени.
Според министерот, овие мерки се донесени по консултации со увозниците на ѓубрива и врз основа на анализа на Државниот пазарен инспекторат, која покажала зголемување на цените на пазарот.
„Зголемувањето на цените на ѓубривата директно влијае врз трошоците за производство и создава притисок врз македонските земјоделци. Затоа, со овие одлуки се стремиме кон стабилизација на пазарот, намалување на трошоците и заштита на домашното производство“, нагласи Трипуновски.
Одлуките ќе стапат во сила веднаш и ќе се применуваат до 31 мај 2026 година. Министерот најави дека Владата ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и, доколку е потребно, ќе преземе дополнителни мерки во интерес на граѓаните и економијата.
Деск

