Европа би можела да се соочи со значителни нарушувања во летната туристичка сезона, при што дел од граѓаните ризикуваат да останат без планираниот годишен одмор. Причина за тоа се растечките трошоци за енергенси и потенцијалните проблеми со снабдувањето со авионско гориво.
Според предупредувањата на европските институции, актуелните геополитички тензии, особено поврзани со состојбите на Блискиот Исток, веќе влијаат врз цените и достапноста на горивото. Авионскиот сектор е меѓу најпогодените, што директно се одразува врз цените на авиобилетите.
Авиокомпаниите веќе сигнализираат можни намалувања на бројот на летови. Дел од превозниците најавуваат и масовни откажувања, што дополнително ја зголемува неизвесноста кај патниците кои планираат летен одмор, особено на подалечни дестинации.
Покрај поскапувањата, не е исклучена можноста за привремени недостиг на гориво, што би можело да предизвика дополнителни нарушувања во авионскиот сообраќај низ Европа.
Експертите предупредуваат дека најпогодени ќе бидат оние кои зависат од авионски превоз, додека алтернативите како патување со автомобил или избор на поблиски туристички дестинации би можеле да станат попривлечни.
Во вакви услови, се препорачува граѓаните да размислат за пофлексибилни планови за патување, како и да користат патничко осигурување кое покрива откажување или одложување на летови.
Иако ситуацијата засега не значи целосен колапс на туристичката сезона, неизвесноста останува висока, а летото 2026 би можело да донесе поскапи и покомплицирани патувања за голем број европски граѓани.
Деск

