Неготино со децении се соочуваше со сериозен проблем со снабдувањето со вода за пиење, при што граѓаните често имаа рестрикции и ограничен пристап, особено во летните месеци кога потрошувачката нагло се зголемуваше. Денес, жителите на Неготино имаат стабилно и континуирано водоснабдување, рестрикции практично повеќе нема, а прекини во снабдувањето со вода се случуваат единствено во ретки случаи, најчесто поради технички дефекти или интервенции на мрежата, кои се решаваат во најкраток можен рок.
Ова претставува значително подобрување во однос на претходните децении и придонесува за повисок квалитет на живот на граѓаните. Околу тоа како се надмина овој горчлив проблем со кој граѓаните се соочуваа неколку децении, разговаравме со првиот човек на ЈП Комуналец Неготино, Митко Ѓорѓиев, кој појаснува кои чекори биле превземени од моментот кога дошол на чело на функцијата директор, па се до денес.
-Јавното претпријатие „Комуналец“ во периодот 2022–2026 година бележи значителен напредок во финансиското работење, инфраструктурата и техничката опременост, како и во развој на нови проекти од областа на енергетиката и водоснабдувањето, за ВИКИМЕДИА вели директорот на претпријатието, Митко Ѓорѓиев.
-Во изминатите години се исплатени околу 26 милиони денари стари долгови кон повеќе институции и фирми, меѓу кои УЈП, „Комуналец Кавадарци“, „Техноскоп“, Министерството за животна средина и „Водостопанство“. Дел од обврските се значително намалени и ставени под контролирани договори за редовна отплата, со што претпријатието денес функционира со стабилизирани тековни обврски.
Во делот на механизацијата и опремата е извршена значајна обнова, со набавка на нови возила, градежна и комунална опрема, како и воведување на GPS системи за поголема ефикасност. За првпат по повеќе години, претпријатието располага и со сопствена браварска и автомеханичарска работилница, што овозможува поголема самостојност во одржувањето на возниот парк.
Особено значајни се инвестициите во водоснабдувањето, каде се изградени два нови бунари со зголемен капацитет и дополнителна сигурност на системот. Во тек се и големи енергетски проекти, меѓу кои хидроцентрали и фотоволтаична централа, кои во иднина треба да обезбедат значителни заштеди и дополнителни приходи, појаснува директорот.
Тој истакнува дека овие резултати претставуваат основа за понатамошна модернизација и поефикасно работење во интерес на граѓаните.
-Посебно сакам да потенцирам дека во одржувањето и менаџирањето на водоводниот систем вложен е голем труд и постигнати се резултати со кои може да се гордееме како Комуналец и јас како директор, и граѓаните тоа го чувствуваат. Не сакав да излегувам јавно и да раскажувам како со своето знаење, искуство и упорност го решив деценискиот проблем во Неготино. Традиционално, пред избори и едни и други кажуваа дека го решиле проблемот, но знаеме дека не беше така. Затоа и пред советниците на општината и пред граѓаните решив да појаснам со зборови, но и со докази како е решен проблемот со дневните и ноќни рестрикции на водата, со кои живееа жителите на општината. Секако, јас не би можел ништо без моите вработени – тимот на Комуналец, посветени колеги кои веруваа во мене и моите идеи.
Напоменувам дека менаџирањето со вода за пиење бара 24 часовна посветеност, упорност и познавање, вели директорот и потсетува дека во последните четири години во Неготино нема рестрикции на водоснабдувањето, освен во случаи на дефекти или планирани реконструкции.
Според него, градот и населените места се снабдуваат континуирано со вода 24 часа дневно, при што се одржува водоводна мрежа од околу 100 километри. Посебно се издвојува фактот што е надмината праксата на летни и ноќни рестрикции, што претходно биле чест проблем во системот.
Како што појаснува Ѓорѓиев, просечниот дотур на вода од изворот Лукар изнесува околу 74 литри во секунда, при што во изминатиот период се откриени и санирани значајни дефекти со вкупни загуби од околу 20 литри во секунда. Со нивното отстранување, оваа количина сега е ставена на располагање на граѓаните.
Меѓу поголемите интервенции се издвојуваат санации кај поранешната циглана (денешен ЈОПО Холдинг), каде биле губени околу 7 л/с, на улицата „Железничка“ околу 4 л/с, како и кај Острово (Дуброво), каде биле регистрирани повеќе дефекти со загуба од околу 2 л/с. Интервенции се извршени и на потисниот цевковод кај Бриони во Кавадарци, каде е заменет дел од цевководот, како и на повеќе локации во градот.
Тој посочува дека континуирано се работи и на санација на ситни дефекти на приклучоци, водомери и шахти, а годишно се заменуваат околу 200 водомери со цел да се намали паушалната наплата и да се подобри точноста во мерењето на потрошувачката.
Дополнително, спроведена е и проверка на правните лица, при што околу 30 фирми кои претходно не биле евидентирани како потрошувачи се вклучени во системот и со нив се склучени договори за користење на водоводните услуги.
-Со овие активности значително ја намаливме загубата на вода и го стабилизиравме системот, што ни овозможи континуирано водоснабдување без рестрикции, истакнува директорот Ѓорѓиев.
Додава дека при тековното работење заклучиле дека има околу 30 правни лица кои плаќале паушал заради разни причини, а биле големи потрошувачи на вода. Вели дека станувало збор за големи количини на вода, и овој проблем бил среден.
-Ставен е во употреба стариот резервоар на висока зона, кој бил ставен во мирување 6 -7 години од непознати причини. Од неофицијално околу 900 домаќинства кои се воделе, односно плаќаат паушално или по член или неисправни, до сега решивме околу 800, заменети се со нови водомери, механизми за водомери или прочистување и голем дел од нив се вратени во системот по извршена контрола за нивна исправност, истакнува директорот.
Додава дека по повторно ажурирање на договорите за наплата на комунален смет, утврдени се отстапувања меѓу фактичката и фактурираната површина, по што е извршена корекција. Со тоа, фактурираната површина е зголемена за 72.186 м², што месечно носи околу 250.000 денари дополнителни приходи.
-Во делот на водоводната инфраструктура, изведена е нова катодна заштита на потисниот челичен цевковод од Кавадарци до градските резервоари во должина од 10.750 метри, со што значително е подобрена заштитата на системот. Санирани се илјадници дефекти, при што интервенциите се извршуваат во рок до 24 часа од нивното пријавување, без разлика на ден или празник.
Паралелно се работи на одржување и унапредување на водоснабдувањето во селските населби. Во повеќе села се монтирани нови или резервни пумпи, чистени се резервоари и бунари, а во дел од населените места е подобрен капацитетот и стабилноста на водоснабдувањето, особено во летниот период.
Во селата Тремник, Војшанци, Пепелиште, Криволак, Курија и Долни Дисан се реализирани интервенции на мрежата, со цел намалување на дефектите и обезбедување континуирано снабдување со вода.
Дополнително, редовно се врши контрола на квалитетот на водата во соработка со Центарот за јавно здравје Велес и надлежните инспекциски служби. Годишно се спроведуваат околу 150 анализи, со што се обезбедува континуирана контрола на исправноста на водата за пиење, вели првиот човек на ЈП Комуналец Неготино.
На крај, Ѓорѓиев вели дека има порака до граѓаните, дека сите треба да знаат дека за вода мораат да платат онолку колку што потрошиле.
-Привилегија нема за никој, за сите подеднакво, исто, секој граѓанин може во секој момент да дојде и да пријави проблем, или било каква ситуација. ЈП Комуналец Неготино е претпријатие кое работи за граѓаните и зависи од нив, порача Ѓорѓиев.
Вики Клинчарова

