Од полноќ е евидентирано намалување на цената на течниот нафтен гас (плин) на домашниот пазар, информира Митева, портпаролката на Владата.
Според соопштеното, малопродажната цена на течниот нафтен гас кај дел од компаниите, меѓу кои и Макпетрол, е намалена за околу 5 денари по литар – од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е регистрирано намалување од околу 10 денари по килограм, што соодветствува на приближно 5 денари по литар.
Портпаролката посочи дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд, при што цените во малопродажба на бензинските станици се движат меѓу 53 и 54 денари по литар, со намалување од 5 до 6 денари.
Таа нагласи дека намалувањето е резултат на анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, по која следувале разговори со трговците и договор за корекција на бруто-маржите. Како што беше истакнато, целта е стабилизирање на цените и избегнување на нивни осцилации во наредниот период.
„Ова не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку на институционално делување и координација со пазарните учесници,“ беше наведено во изјавата.
Од Владата најавуваат дека ќе продолжат со истиот пристап – анализа на состојбите, дијалог со засегнатите страни и мерки насочени кон заштита на стандардот на граѓаните.
Деск

