Трагичен настан ја засени една од најпрестижните триатлон трки во светот, откако натпреварувачка го загуби животот за време на пливачкиот дел од натпреварот од серијата Ironman.
Станува збор за бразилската триатлонка Мара Флавија Араужо, која учествувала на трката што се одржувала во американската сојузна држава Тексас. Според информациите, таа исчезнала во водата за време на пливањето – дисциплина која важи за една од најпредизвикувачките и најризичните во рамки на триатлонот.
Организаторите веднаш започнале потрага, а спасувачките екипи интервенирале во обид да ја пронајдат. По неколкучасовна потрага, нејзиното тело било извлечено од езерото, но за жал без знаци на живот.
Трката од Ironman форматот претставува екстремен спортски предизвик, кој вклучува 3,8 километри пливање, 180 километри велосипедизам и маратонско трчање од 42 километри. Токму пливачката етапа често се смета за најкритична, поради условите во отворена вода и големиот број учесници.
Надлежните служби започнаа истрага за да ги утврдат точните околности за несреќата. Засега нема официјални информации за причината за смртта, а се очекуваат дополнителни извештаи од медицинските и истражните органи.
Овој трагичен случај повторно ја отвори дебатата за безбедноста на ваквите натпревари и потребата од уште построги мерки за заштита на учесниците.
Организаторите на настанот изразија сочувство до семејството и блиските на настраданата, нагласувајќи дека безбедноста на натпреварувачите останува нивен врвен приоритет.
Деск

