Безбедноста на децата во дигиталниот простор мора да се гради преку системски и одговорен пристап, а не единствено преку ограничувања на користењето социјални мрежи, порача министерот за дигитална трансформација, Андоновски.
Тој истакна дека клучот е во едукацијата на младите, но и во воспоставување јасни правила и координирана одговорност на сите засегнати страни — институциите, училиштата, родителите и наставниците.
„Ова не е тема што може да се реши со изолирани активности, туку бара системски пристап, јасни правила и одговорност од сите засегнати страни“, изјави Андоновски.
Министерот посочи дека преку Центарот за побезбеден интернет „МКСафеНет“ веќе се воспоставува структуриран систем за поддршка на децата, родителите и образовните институции во дигиталниот простор.
Во рамки на оваа иницијатива се изработени водичи за родителска контрола, материјали за е-безбедност во училиштата, едукативни ресурси за наставници, како и практични упатства за безбедно користење на дигитални алатки.
Според него, „МКСафеНет“ претставува значаен чекор кон долгорочен систем за дигитална заштита на децата, при што се предвидени и обуки за наставници и родители, како и советодавни механизми за поддршка.
Андоновски нагласи дека едукацијата мора да биде надополнета со јасни и унифицирани правила за користење мобилни телефони во училиштата.
„Едукацијата сама по себе не е доволна. Таа мора да биде надополнета со јасни и применливи правила во училиштата. Целта не е забрана, туку создавање услови за фокус, ред и заштита на учениците“, рече тој.
Во обраќањето беше отворено и прашањето за евентуално воведување видео надзор во училишните објекти, при што министерот нагласи дека секое такво решение мора да биде строго регулирано и усогласено со законите за заштита на личните податоци.
„Доколку се воведе видео надзор, тој мора да биде ограничен на заеднички простории, без снимање во училници и во согласност со европските стандарди за приватност“, истакна Андоновски.
Тој заклучи дека целта на сите мерки е создавање безбедна средина за учениците, како во дигиталниот, така и во физичкиот простор, со фокус на превенција, едукација и заштита.
Деск

