,,Не се плашам за себе. Нека дојде. Нека ме зграпчи канцерот. Нека ме однесе каде сака, нека ми прави што сака. Нека ми ги земе градите, косата, кожата, женственоста.
Но, моите деца…
Што ќе прават без мене? Што ќе прават во тешки животни епизоди? Што ќе прават кога ќе сакаат некого да стиснат многу силно и да вреснат на цел глас – а јас да не сум таму? Што ќе прави тој фраер, мојот син,
кога ќе му влезе во животот некоја личност и ќе му го расецка срцето на милион парчиња што горат? А мене ќе ме нема…
Го знам – многу ќе му биде тешко да се справи со тој предизвик.
Ме боли премногу што нема да можам да бидам тука тој ден покрај него.” Ова се дел од зборовите кои Елвин ги напишал во име на неговата мајка, Гордана Шакирова…

-Сакам децата да растат со мајчинска љубов, била реченицата – водилка во животот на д-р Елвин Шакиров, а се родила во време на најголемата болка, на 23 февруари 2018 година, кога како младо момче ја изгубил својата мајка Гордана. Таа починала на 50-годишна возраст од канцер, а Елвин, кој денес на свои 25 години е дипломиран онколог си дал ветување дека ќе го посвети животот на борбата за туѓите животи.
– Во моментите кога моето срце беше скршено на парчиња што гореа, ме држеше само една мисла: дека токму јас еден ден ќе бидам „директниот виновник“ за прегратката меѓу едно дете и неговата мајка. За мене, пациентот со малигно заболување не е само бројка или дијагноза, туку огледало во кое го гледам ликот на мајка ми. Во тој миг, непознатиот станува моја сопствена крв, а кога се борам за своето семејство — предавањето не е опција, неодамна изјави тој за медиумите.
Ова младо момче веќе три години стои и зад Фејбук групата ,,Не си сам/а во оваа борба” од која изгради заедница составена од луѓе кои минуваат низ најтешките моменти во животот, некои како онколошки пациенти, а некои пак како членови на семејства на пациентите.
Доктор Шакиров е чест гостин во медиумите изминатиот период, каде отворено зборува за болката која го обликувала неговите животен пат, но и за силата која ја добил од најтешкото искуство, а која ја насочил кон помагање за заедницата. Неговата приказна не е само за болка, туку за преобразба. За човек кој од сопствената рана создаде сила да им помогне на другите да заздрават.
Деск

