Од здружената иницијатива Зелен хуман град се огласија со барање за итно затворање на зоолошките градини во земјава. Како што истакнуваат, деновиве македонската јавност е сведок на повеќе немили настани на насилство кон невини заробени животни, кое се случи во скопската зоолошка градина а најзагрижувачки од се е тоа што главни инстигатори на ова насилство се малолетници, односно деца. Од таму посочуваат дека суровоста на кафезите треба да се замени со трансформација во центри за рехабилитација.
-Имено, станува збор за два посебни инцидента во кои деца – ученици од основно училиште со камења ги гаѓале заробените слонови и заробениот нилски коњ како и инцидент во кој млада девојка качена до кафезот ги вознемирувала заробените мајмуни.
Сето ова претставува типичен пример првенствено за инхерентното насилство кое е вградено, наградувано и пожелно во капитализмот како економски и општествен систем до тој степен до кој не го ни забележуваме (за што доказ е и самото постоење на зоолошка градина како профитабилна форма на забава во која страдаат невини животни во ропство), истакнуваат од Зелен хуман град.
Додаваат дека се залагаат за итно затворање зоолошките градини во Македонија како места на тортура кон животните и нивна трансформација во центри за конзервација и рехабилитација, со цел суровоста на кафезите и третирањето на животните како предмети за забава да биде заменета со грижа за повредените и напуштените автохтони животни на територијата на Македонија, а граѓаните и најмладите да се поврзат со животни на кои Македонија им е природна животна средина.
-Да се потсетиме, првиот знак за психопатија е токму насилство врз животни, и затоа е нужно рано детектирање од страна на стручни кадри и меѓуинституционална соработка со цел укажување на адекватна помош на ученикот и превенирање на, во најлоша варијанта, инциденти со живото-загрозувачки последици во иднина, објавија од Зелен хуман град.
Деск

