Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на тетовско се случија серија инциденти кои укажуваат на ескалација на конфликт започнат на социјалните мрежи.
Според информациите од СВР Тетово, на 5 мај 2026 година околу 18:45 часот, 31-годишен жител на село Стримница пријавил дека неколку часа претходно, односно околу пладне, бил физички нападнат на регионалниот пат Тетово–Јажинце. Нападот, како што се наведува, бил последица на претходно недоразбирање преку социјални мрежи, а во него учествувале три лица, меѓу кои и малолетник. Повредениот бил пренесен во Клиничкиот центар во Тетово, каде му биле констатирани телесни повреди.
Набрзо по инцидентот, околу 14:30 часот, две од инволвираните лица самостојно се пријавиле во полициска станица. По извршен службен разговор во присуство на родител и адвокат, малолетното лице било пуштено, додека едно од полнолетните лица било лишено од слобода и задржано во полициска станица.
Ситуацијата дополнително се усложнила во вечерните часови. Околу 20:25 часот, сопругата на нападнатиот пријавила дека во дворот на нивниот дом во село Стримница пристигнале две маскирани лица на мотоцикл, кои испукале повеќе куршуми од огнено оружје, по што избегале во непознат правец. За среќа, во инцидентот нема пријавени повредени.
Од СВР Тетово информираат дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот. Надлежните работат на утврдување на сите околности и можната поврзаност меѓу двата настани.
Деск
ДРАМА ПО РАСПРАВИЈА НА СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ: ПРВИН НАПАД, ПА ПУКАЊЕ ОД СТРАНА НА МАСКИРАНИ ЛИЦА НА МОТОЦИКЛ!
2 Mins Read

