Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ одржаа дискусија на тема „Инвестирање во децата – унапредување на човечкиот капитал, вработувањето на жените и инклузивниот раст“, на која беа презентирани нови анализи за можни реформи во системот на детски парични додатоци во Северна Македонија.
Според презентираните податоци, со реформирање на постојниот систем на парична помош за семејствата со деца, детската сиромаштија би можела да се намали за до 6 процентни поени. Во моментов, речиси една третина од децата во земјата се во ризик од сиромаштија, односно околу 120.000 деца, при што најзагрозени се децата од големи семејства, самохрани родители и ромски заедници.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, истакна дека е потребен „похрабар исчекор“ во политиките за поддршка на децата, нагласувајќи дека се разгледува воведување на универзален детски додаток.
„Клучната поента е јасна: потребна е нова генерација реформи на детските додатоци со подобар опфат и поадекватна поддршка. Еден од моделите е универзален детски додаток, кој би имал докажани ефекти врз намалување на сиромаштијата“, рече Лимани.
Презентираната анализа нуди две можни насоки: воведување универзален детски додаток со дополнителна поддршка за ранливи категории или зајакнување на постојниот систем базиран на проверка на приходи. Двете опции, според анализата, би имале сличен ефект во намалување на детската сиромаштија, со прифатливи фискални импликации.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Лесли Милер, нагласи дека сигурната и предвидлива поддршка за семејствата е клучна за развојот на децата и економската стабилност.
„Сигурните детски додатоци им помагаат на семејствата да се справат со економските притисоци и да инвестираат во здравјето, образованието и развојот на децата“, истакна Милер.
Учесниците на дискусијата посочија дека детската сиромаштија не значи само недостаток на приход, туку има директно влијание врз образованието, здравјето и долгорочните животни шанси на децата, што може да создаде меѓугенерациски циклус на сиромаштија.
Државниот секретар на министерството, Фатмир Сабриу, порача дека процесот на реформи ќе продолжи низ инклузивна и транспарентна дебата со сите засегнати страни.
„Ќе продолжиме со внимателна анализа за да се најдат решенија кои се ефективни, правични и фискално одржливи“, нагласи Сабриу.
Министерството и УНИЦЕФ најавија дека оваа анализа претставува почеток на поширок процес за унапредување на системот на детска и семејна поддршка во земјата.
Деск
СЕ РАЗГЛЕДУВА УНИВЕРЗАЛЕН ДЕТСКИ ДОДАТОК – МОЖЕН НОВ МОДЕЛ ЗА ПОДДРШКА НА СЕМЕЈСТВАТА
2 Mins Read
Next Article АЛЕН ИСЛАМОВИЌ СО КОНЦЕРТ ВО МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

