Општина Аеродром изрече казна од 20.000 евра за незаконско одлагање градежен отпад во Долно Лисиче, откако при вонреден инспекциски надзор бил затекнат камион како истура шут на локацијата позната како „Купишта“.
Од општината информираат дека прекршокот бил констатиран од општинскиот инспекторат, по што за правното лице бил издаден прекршочен платен налог согласно член 130 од Законот за управување со отпад.
За сторениот прекршок е изречена глоба во висина од 20.000 евра во денарска противвредност. Според прекршочниот платен налог кој го објави општината, станува збор за компанијата ХСА – Конструкцион од Студеничани.
Од Општина Аеродром најавуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на создавање диви депонии и заштита на животната средина.
„Нема да дозволиме загадување и несовесно однесување на територијата на општината. За секое прекршување на законските прописи ќе следуваат санкции“, порачуваат од локалната самоуправа.
Воедно, од општината апелираат до граѓаните и компаниите отпадот да го одлагаат согласно законските процедури и да придонесат кон зачувување на животната средина.
Деск
Previous ArticleТЕШКО ПОВРЕДЕНО МОМЧЕ НА ГРАДИЛИШТЕ ВО КАВАДАРЦИ

