Со свечено и впечатливо отворање, во Националната опера и балет во Скопје започнаа 54. Мајски оперски вечери, еден од најзначајните културни фестивали во регионот. Фестивалот годинава беше отворен со премиерни изведби на две оперски дела од Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, што предизвика голем интерес кај публиката.
Традиционалното палење на фестивалскиот оган го изврши светски познатата македонска оперска дива Ана Дурловски, која со своето појавување предизвика силни емоции и бурни аплаузи од присутните.
Пред многубројната публика, отворањето помина во свечена атмосфера, а фестивалот уште еднаш ја потврди својата репутација како значаен културен настан што ги обединува врвната музичка уметност и современиот сценски израз.
Во рамки на годинешното издание, љубителите на операта и балетот ќе имаат можност да проследат богата програма со настапи на реномирани домашни и странски уметници, како и повеќе оперски и балетски продукции.
Мајските оперски вечери и оваа година продолжуваат да ја негуваат традицијата на врвна уметност и културна размена, носејќи ја магијата на класичната музика пред македонската публика.
Деск

