Премиерот Христијан Мицкоски, на Самитот 2026 во организација на Македонија 2025 истакна дека најголем предизвик за Владата е управувањето со „товарот од минатото“ и решавањето на проблеми кои не се создадени во тековниот мандат.
Во своето обраќање, тој нагласи дека успехот на една влада се мери преку тоа дали се избегнува создавање нови проблеми и дали постојните системски предизвици се решаваат без да се пренесат на идните генерации.
Мицкоски посочи дека изминатата година била обележана со сериозни предизвици, меѓу кои трагичниот настан во Кочани и последиците од глобалниот конфликт во Заливот, кои, како што рече, влијаеле врз економијата и политичките процеси.
И покрај тоа, тој истакна дека економските индикатори покажуваат раст, со неколку последователни квартали со позитивни резултати и подобрување на макроекономските показатели, вклучително и раст на БДП.
-За разлика од останатите земји во регионот, ние не очајувавме, не плачевме, не кукавме, туку едноставно влеговме во решавање на проблемот, онолку колку што може да се решава и мислам дека прилично успешно успеавме досега да го решиме и покрај тоа што имавме исклучително големи фискални откажувања, коишто на прв поглед може да се очекува да влијаат врз буџетот. Но, принципот економија на обем, којшто го применивме, до овој момент, можам да кажам дека не само што не ги почувствуваме, туку напротив ги надминаа и нашите очекувања во услови на криза, истакна премиерот.
Голем дел од говорот беше посветен на инфраструктурните проекти, кои, според премиерот, се клучни за идниот економски развој.
Тој ги нагласи коридорите 8 и 10 како стратешки приоритети, со цел подобрување на патната, железничката и енергетската поврзаност со регионот и Европа. Дополнително, најави активности за реконструкција на железничката инфраструктура и развој на гасни интерконектори со Грција и Србија.
Според него, овие проекти треба да ја позиционираат државата како значајна регионална „раскрсница“ за транспорт и енергетски текови.
Во однос на процесот на евроинтеграција, Мицкоски порача дека Владата ќе се залага за „подостоинствен и потежок пат“, наместо брзи решенија кои, според него, би можеле да имаат негативни последици.
Тој повика и на поголема меѓународна активност на државата, нагласувајќи дека е потребно појасно и поактивно претставување на националните позиции во светските центри.
На крајот од обраќањето, премиерот ја истакна улогата на Македонија 2025 како важен партнер во промоцијата на државата и нејзината економија, нагласувајќи дека Владата е отворена за соработка со цел зајакнување на меѓународната видливост и економскиот развој.
Деск
МИЦКОСКИ: ЗА РАЗЛИКА ОД ОСТАНАТИТЕ ЗЕМЈИ ВО РЕГИОНОТ, НИЕ НЕ ОЧАЈУВАВМЕ И ПЛАЧЕВМЕ, ТУКУ ВЛЕГОВМЕ ВО РЕШАВАЊЕ НА КРИЗАТА!
2 Mins Read
Previous ArticleПРАТИ МИ 6.000 ДЕНАРИ ПО АВТОБУС, ПА ЌЕ ТИ ИЗВАДАМ БУГАРСКИ ПАСОШ: КАВАДАРЧАНЕЦ ИЗМАМИЛ ГОСТИВАРЧАНЕЦ
Next Article ДАРКО ДАМЕВСКИ – УМЕТНИКОТ КОЈ НЕ ЗНАЕШЕ ДА ЗАСТАНЕ

