И беше свекрва на Моника Белучи, а ,,Мајче” на колегите. Родена во Кочани, а најголемиот дел од животот го помина во Битола, каде што почина пред три години, на 83-годишна возраст. Ратка Радмановиќ, жената која го посвети животот на актерството, и која беше посебно активна на сцената по пензионирањето, зад себе остави плејада од театарски и филмски улоги. Ја гледавме во ,,Мајки”, ,,Пред дождот”, ,,Панкот не е мртов”, ,,Сенки”, ,,Врба”, Прашина”, ,,До балчак”, ,,Трето полувреме”, ,,Големата вода” и многу други.

Освен за домашните режисери, таа беше интересен лик и за популарниот босански режисер Емир Кустурица, кој ја ангажираше во неговиот филм ,,На млечниот пат”.
Филмот е од 2016 година, со филмската дива Моника Белучи и Кустурица во главните улоги, а пак Радмановиќ, која во тој период веќе беше пензионерка, ја глумеше свекрвата на Белучи.
За добиената улога во ,,На млечниот пат”, своевремено таа раскажа дека била избрана без кастинг. Се сретнале со Кустурица во неговото село Дрвенград, таму преноќила, а наредниот ден заедно заминале во Каменград.
Тој и кажал дека ги гледал нејзините филмови, имал доверба во нејзините актерски способности, па затоа по четири дена од средбата и јавил дека ја добила улогата.
Покрај неа во филмот на Кустурица глумеше и македонскиот актер Петар Мирчевски, а снимањето траеше 50 недели. Радмановиќ почина по кратко боледување, а помеѓу нејзините колеги беше позната како ,,Мајче” поради мајчинскиот лик во филмовите.
В.К.

