Во уникатниот природен амбиент на пештерата Пешна, која се наоѓа во близина на Македонски Брод вчера се одржа впечатлив музички настан, кој на едно место ги спои уметноста, традицијата и духовноста. Природната акустика на пештерата, создадена од нејзините камени сводови, овозможи несекојдневно звучно искуство за присутните посетители.
Настапот на џез хорот „Артизан“ беше исполнет со силна емоција и хармонија, а секој изведен тон доби дополнителна длабочина благодарение на специфичниот одек во пештерата. Публиката имаше ретка можност да ужива во концерт кој ја надминува класичната концертна форма и прераснува во целосно аудиовизуелно доживување.
Настанот претставува уште еден чекор во афирмацијата на Пешна како атрактивна туристичка и културна дестинација. Со вакви содржини, пештерата сè повеќе го зацврстува своето место на туристичката мапа, привлекувајќи љубители на природата, културата и уметноста.
-Нашата „Пешна“ сè повеќе станува препознатлив дел од туристичката мапа и место кое привлекува љубители на природата, културата и уметноста, истакна Жарко Ристески, градоначалникот на Македонски Брод.
Пештерата Пешна е позната и по легендата за сестрата на Крале Марко – Пешна, по која го добила името. Според преданијата, токму на влезот од пештерата била изградена мала тврдина или куќа за неа, а делови од камените ѕидини и денес можат да се видат.
Дополнителна мистичност ѝ дава и фактот што по обилни дождови и топење снег, од внатрешноста извира силен вруток, додека во сушните периоди речиси исчезнува. Во пештерата живеат лилјаци и се гнездат ластовици, а природната светлина што навлегува низ огромниот отвор создава впечатлива атмосфера.
Интересно е што The New York Times ја споредил Пешна со „Helm’s Deep“ од The Lord of the Rings, поради нејзиниот драматичен изглед и монументалниот влез.
В.К.

