Министерот за култура и туризам Зоран Љутков оцени дека усвојувањето на Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри со кој повторно се враќа финансиската поддршка за филмот, претставува значаен исчекор за развојот на македонската филмска индустрија и туризмот.
Според него, повторното воведување на финансиска поддршка за филмот ќе овозможи долгорочна стабилност и нови можности за домашните автори, продуценти и креативци.
„Со ова законско решение обезбедуваме континуирано финансирање на филмската дејност, што е клучно за развој на квалитетна продукција и за поттикнување на нови, млади таленти. Истовремено, вложувањата во туризмот ќе придонесат за поголема видливост на Македонија како атрактивна дестинација“, изјави Љутков.
Тој потенцира дека издвојувањето на средства без годишен лимит ќе значи поголема предвидливост и сигурност за филмската индустрија, како и можност за реализација на покрупни и поконкурентни проекти на меѓународно ниво.
Министерот додаде дека синергијата меѓу филмот и туризмот има огромен потенцијал за економски развој, особено преку промоција на природните убавини, културното наследство и автентичните локации во земјава.
Со новите законски измени, 3% од давачките од игрите на среќа ќе се одвојуваат за Агенцијата за филм – без ограничување на висината на средствата на годишно ниво, а пак 4% ќе се издвојуваат за развој на туризмот, исто така без ограничувања.
„Македонија има што да му понуди на светот – и како филмска сцена и како туристичка приказна. Со оваа поддршка, ја отвораме вратата за нова ера на креативност и економски раст“, нагласи Љутков.
Деск

