Во Разловци денеска беше одбележана 150-годишнината од Разловечко востание, каде премиерот Христијан Мицкоски упати порака за значењето на историската борба за слобода, но и за современите предизвици со кои се соочува државата.
Во своето обраќање, премиерот истакна дека востанието претставува „будење на народната свест“ и симбол на стремежот за слобода, достоинство и право народот да живее „свој на своето“.
Тој нагласи дека борбата за државата денес има поинаква форма, но исто толку значајна суштина.
„Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование и со национално единство“, порача Мицкоски.
Премиерот додаде дека суштината на државноста останува непроменета – зачувување на самостојноста и одлучноста државата да не биде предмет на надворешни влијанија или внатрешни поделби.
Тој испрати и порака за политичка одговорност, нагласувајќи дека државните интереси мора да бидат над личните и партиските амбиции.
„Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние кои лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние кои пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати даваат поклони и отстапки на тие што не ѝ мислат добро на државата. Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, истакна премиерот.
Во обраќањето беше посочено и дека историјата треба да биде поука за сегашноста, особено во делот на одговорноста кон државата и внимателниот избор на политички претставници.
Настанот заврши со повик за единство, градење на институциите и заштита на државното достоинство, како и со почит кон хероите од востанието кои, според пораката, ја поставиле основата на слободарската традиција.
Деск
МИЦКОСКИ: НАРОДОТ ДА НЕ ИМ ВЕРУВА НА ОНИЕ КОИ ЗБОРУВААТ ЗА ПАТРИОТИЗАМ, А ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ ДАВААТ ПОКЛОНИ НА ТИЕ КОИ НЕ И МИСЛАТ ДОБРО НА ДРЖАВАТА!
2 Mins Read

