Предлог-законот за парничната постапка помина на прво читање на Комисијата за европски прашања, со што започнува следната фаза од неговата собраниска процедура.
Од Министерството за правда соопштуваат дека станува збор за еден од најзначајните реформски закони во областа на правосудството, чија цел е модернизација на парничната постапка, зголемување на ефикасноста на судовите и зајакнување на правната сигурност за граѓаните.
Со предложените решенија се предвидува поефикасно и поквалитетно водење на судските постапки, како и поголема улога на судот во утврдувањето на фактичката состојба, вклучително и можност за вештачење и увид по службена должност.
Посебен акцент е ставен на дигитализацијата на правосудниот систем, преку воведување електронска достава на судски документи и можност за одржување расправи по електронски пат, што се очекува да придонесе кон побрзи и поефикасни постапки.
Законот предвидува и забрзување на постапките во спорови од помала вредност, воведување попропорционални и пофер глоби, како и нов механизам – претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права.
Од Министерството за правда нагласуваат дека решенијата се усогласени со повеќе системски закони со цел да се обезбеди правна кохерентност и современ, функционален правосуден систем.
Оттаму додаваат дека остануваат посветени на реформите кои треба да донесат поефикасно судство, зајакнато владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во институциите.
Деск
Previous ArticleТЕШКО ПОВРЕДЕНА ВРАБОТЕНА ВО БОЛНИЦАТА ВО ЧАИР ПО ПАД ОД СКАЛИ

