Поранешната македонска пејачка Маја Вукичевиќ доби австралиско државјанство и со тоа отвори ново поглавје во својот живот, далеку од домашната музичка сцена.
Веста ја сподели на социјалните мрежи, каде што изрази благодарност и емоции, нагласувајќи дека за неа е голема чест што станала дел од „оваа прекрасна земја“. Со ова, таа и официјално го заокружи процесот на интеграција во Австралија, каде што веќе подолго време живее.
Маја, која публиката ја памети по бројни хитови и впечатливи настапи од крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите, одамна се повлече од јавниот живот во Македонија. Наместо музиката, денес е целосно посветена на новото секојдневие во Сиднеј.
Иако географски далеку, таа не ја крие носталгијата кон татковината. Во повеќе наврати има истакнато дека Македонија секогаш ќе има посебно место во нејзиното срце, признавајќи дека чувството е „поделено на половина“ меѓу двата дома.
Со добивањето на државјанството, Маја Вукичевиќ симболично го потврдува својот нов почеток, но и врската што, како што самата вели, никогаш нема да ја прекине со земјата од која потекнува.
Деск

