Првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков (51), го загуби животот во сообраќајна несреќа. Во несреќата загинал и неговиот 20-годишен син Адам, уште еден сопатник на 20-годишна возраст со иницијали П.М., како и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат.
Веста за големата трагедија ја потресе земјава. Според Минситерството за внатрешни работи, синоќа во 23 часот во СВР Скопје е пријавено оти на обиколница помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б. Б. (76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р. В. (51) од Скопје.
Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
Од добиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р. В. и сопатниците од неговото возило, А. В. (20) и П. М. (20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.
По наредба на јавен обвинител возачот Б. Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.
Со водечкиот македонски баритон и еден од најхаризматичните оперски солисти денес се простуваат неговите пријатели, колеги и почитувачи на неговото дело, со пораки дека неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени.
Деск

