Животот знае за секунда да ти промени сè. Понекогаш ти ги зема работите што најмногу си ги сакал, но истовремено те учи дека човекот не живее само со нозете — туку со срцето, желбата и надежта. Иако денес сум во количка, животот и понатаму ми нуди моменти што вредат да се живеат. Можеби не се исти како времето кога возев точак, трчав и живеев поинаков живот, но и овој нов живот носи свои борби, свои емоции и свои победи, за ВИКИМЕДИА раскажува Јани Иванов (22) од Неготино, младо момче чија животна приказна го крена неговиот град на нозе пред четири години, кога на екскурзија во соседна Грција се здоби со тешка повреда на ‘рбетот.
На големиот вљубеник во велосипедизмот тогаш му беше потребна поддршка од заедницата, за да продолжи со лекување и рехабилитација во специјализиран центар во Грција, а денес, по речиси четири години поминати од настанот, Јани е симбол на упорност, волја и човечка издржливост.

За време на викендот тој учествуваше на првата Промили атлетска трка во својот роден град, на патеката од пет километри и иако тешката повреда на рбетот целосно му го променила животот, тој не дозволил судбината да го дефинира. Со силна поддршка од семејството и пријателите, Јани постепено се враќа кон секојдневието, градејќи нова верзија од себе – посилна, поистрајна и решена да не се откаже од движењето и спортот.
-Моето прво вистинско искуство на маратон во количка беше во Кавадарци. Искрено, тогаш почувствував нешто што одамна го немав почувствувано — адреналин, возбуда и чувство дека повторно сум дел од нешто големо. Но кога слушнав дека во моето родно Неготино се организира ваква трка од луѓе кои ги знам уште од времето кога бев на точак и живеев еден поинаков живот, без размислување посакав да бидам дел од тоа.
Веднаш почнав да разговарам со моите двајца другари кои ме буткаа за време на трката. Не беше лесно. Имаше тежок дел, имаше замор, имаше моменти кога сите молчевме и само одевме напред. Но токму тогаш сфатив дека најсилните луѓе не се тие што никогаш не паѓаат, туку тие што и после падот повторно наоѓаат причина да продолжат, раскажува Иванов.
Признава дека најемотивниот момент за него бил крајот на трката. Иако патеката за него е многу потешка, сепак тој успеа да стигне на целта и да докаже дека дека границите често постојат само во мислите.
-Кога волонтерот, а воедно и мојата сестра, ми го стави медалот околу вратот, во тој момент не се чувствував како човек во количка. Се чувствував како победник. Како истото она дете полно со соништа и енергија што Неготино го знаеше пред неколку години. И во тие секунди си ветив себеси дека еден ден повторно ќе станам и повторно ќе бидам истиот Јани што луѓето го паметат. Но до тогаш — нема да се откажам.До Неготино, а и до целиот народ, сакам да испратам порака дека ни требаат повеќе вакви настани. Вакви денови му даваат живот на градот, им даваат надеж на луѓето и покажуваат дека сите сме еднакви кога сме сплотени.

А до сите луѓе во количка сакам да кажам само едно — не се откажувајте. Да, животот е поразличен. Тежок е. Понекогаш боли повеќе психички отколку физички. Но и во овој живот има возбуда, има насмевки, има моменти што вредат и има причини да верувате во подобро утре. Верувајте му на животот, но најмногу верувајте си себеси. Бидејќи човекот прво станува во душата… па дури потоа на нозе, вели Јани.
Неговото присуство на настанот предизвика силни емоции кај публиката. За многумина во градот, ова момче кое веќе еднаш ја сплоти заедницата во солидарност, денес не е само учесник на трки, туку вистинска инспирација и потсетник дека човечкиот дух може да надмине многу повеќе отколку што изгледа возможно.
Вики Клинчарова

