Легендарниот рок-музичар Дадо Топиќ е добитник на престижната награда „Накси ѕвезда за сите времиња“ за 2026 година, признание кое им се доделува на уметници со исклучителен придонес и траен белег во музиката.
Наградата беше врачена на свечена церемонија во организација на Накси Радио, а ја соопшти сопственичката и главна и одговорна уредничка Маја Раковиќ, истакнувајќи дека станува збор за уметник кој оваа година одбележува импресивни 60 години кариера.
Во моментот кога Топиќ се искачи на сцената да ја прими наградата, публиката стана на нозе и го поздрави со долготраен аплауз, оддавајќи му почит за неговото творештво и влијание врз генерации.
— Оваа година навистина одбележувам 60 години кариера. Првиот професионален настап го имав на 15 години во Осиек. Бев дел од повеќе бендови, меѓу кои и мојот бенд Тајм. Прекрасно е да се биде овде и да се слушнат сите тие убави гласови — изјави видно емотивниот Топиќ.
Посебно значење за македонската публика има фактот што Дадо Топиќ е автор на безвременскиот хит „Македонија“, песна која со децении буди силни емоции и има посебно место во срцата на публиката. Тој важи за голем пријател на Македонија, а тоа го потврдува и со бројните настапи што ги најавува ова лето.
Имено, неговиот менаџер Илија Јовановиќ за ВИКИМЕДИА открива дека на 27 јуни Топиќ ќе настапи во Свети Николе на Мото фест, потоа следува гостување на фестивалот „Охридски трубадури“ во Охрид, а во подготовка е и голем концерт во Скопје по повод јубилејот – „60 години кариера: Дадо и пријателите“.
Доделувањето на престижната награда на музичарот беше заокружено со емотивна изведба на култната тема од серијата ,,Бољи живот”, со што симболично беше одбележан придонесот на уметниците кои оставиле траен белег во музичката историја на регионот.
Вики Клинчарова
Фото: Накси Радио, Алекс Дмитровиќ, Илија (Дадо, Илија, Владо)

