Без јасни и цврсти гаранции од Европската Унија, нема поддршка за уставни измени, повторија од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека процесот на европска интеграција не смее да се темели на, како што велат, еднострани условувања и политички притисоци.
Од партијата порачуваат дека уставните измени, кои се поврзуваат со евроинтегративниот процес, не можат да бидат прифатени доколку не постои јасна рамка и гаранции дека тие нема да бидат предмет на нови дополнителни барања во иднина.
-Лековерноста на политичарите како Венко Филипче и Зоран Заев доведе да го промениме државното име и наместо влез во ЕУ, да добиеме вето од Холандија, Франција, а подоцна и од самата Бугарија. Вчера Зоран Заев, денес Венко Филипче, ги лажат граѓаните дека Бугарите во Устав се рецептот за чекор кон ЕУ, односно за влез кон ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи волјата на граѓаните повторно да биде прегазена исто како во времето на СДС. Уставни измени без гаранции нема да има, на денешниот прес порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува дека уставни измени се возможни единствено во финална фаза од преговорите со Европската Унија, кога ќе има целосна сигурност за исходот од процесот и членството.
Партијата инсистира дека европскиот пат на земјата треба да биде базиран на предвидливост, фер третман и еднакви правила за сите кандидати, а не на билатерални условувања кои, според нив, ја комплицираат евроинтеграцијата.
Прашањето за уставните измени останува едно од клучните политички теми во земјата и продолжува да предизвикува спротивставени ставови меѓу власта и опозицијата.
Деск
ФИЛИПЧЕ ГИ ЛАЖЕ ГРАЃАНИТЕ ДЕКА БУГАРИТЕ ВО УСТАВ СЕ РЕЦЕПТ ЗА ЧЕКОР КОН ЕУ, НЕМА ДА ИМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ ГАРАНЦИИ, ВЕЛАТ ОД ВМРО-ДПМНЕ
2 Mins Read

