Во болницата „Santissima Trinità“ во Калјари, на островот Сардинија, е примен пациент кај кого постои сомнеж за инфекција со вирусот Ебола, јавуваат италијанските и европските медиуми.
Според информациите објавени од Euronews, лицето е префрлено во одделот за заразни болести, откако било земено од својот дом по појава на симптоми што може да укажуваат на инфекција. Пациентот неодамна се вратил од патување во странство, но засега не се објавуваат детали за неговото државјанство.
Локалниот весник La Nuova Sardegna пренесува дека здравствените власти веднаш активирале протоколи за изолација и тестирање, со цел да се утврди дали навистина станува збор за случај на ебола.
Во меѓувреме, италијанските власти преземаат дополнителни мерки за следење на состојбата. Италија испратила експерти од познатата болница „Spallanzani“ во Демократска Република Конго, како дел од пошироката меѓународна соработка во борбата против можни епидемии.
Премиерката Џорџа Мелони предложи прашањето за контрола на границите и здравствената безбедност да биде разгледано на следниот состанок на Европскиот совет, закажан за 18 и 19 јуни 2026 година.
Здравствените власти нагласуваат дека станува збор за превентивни мерки и дека конечните резултати од тестирањето ќе утврдат дали постои реален ризик за ширење на вирусот во регионот.
Деск

