Трагичен инцидент се случи во вторникот на подрачјето на Крижевци, каде што животот го загуби 48-годишниот ветеринар Џанлука Ботаи, откако бил удрен во градниот кош од кобила додека вршел обработка на нејзините копита.
Според информациите, несреќата се случила околу 14:30 часот во штала каде што ветеринарот работел со животното. Во еден момент кобилата го удрила со задната нога во пределот на градниот кош. Иако веднаш му била укажана медицинска помош, тој им подлегнал на тешките повреди.
Веста за неговата смрт предизвика голема тага меѓу колегите, пријателите и љубителите на коњите. Од него се простија и од Хрватската Paint Horse асоцијација, каде што Ботаи бил ценет колега и долгогодишен соработник.
Во емотивна објава на социјалните мрежи, асоцијацијата го опиша како исклучителен човек, посветен татко и врвен познавач на коњите.
„Замина прерано, оставајќи празнина што тешко ќе се пополни. Беше посебен човек, пред сè горд татко на своите ќерки. Работеше токму она што го сакаше и остави неизбришлива трага во тоа. Беше голем вљубеник во коњите, врвен коњаник и уште подобар потковувач“, наведоа неговите колеги.
Тие истакнаа дека само пред неколку месеци разговарале за неговите планови, соништа и цели кои ги градел со голема страст, но судбината не му дала можност да ги реализира.
Од асоцијацијата му се заблагодарија за придонесот во развојот на коњичкиот спорт и јавачката култура во Хрватска, како и за пријателството, поддршката и советите што несебично ги споделувал со сите околу себе.
„Сега јавај низ небесните пространства, слободен како ветерот. Чувај ги своите најмили, своите прекрасни ќерки и сите оние кои те носат во своето срце“, порачаа во прошталната објава.
Случајот уште еднаш потсетува на ризиците со кои секојдневно се соочуваат ветеринарите и лицата кои работат со големи животни, професија што бара големо знаење, искуство и посветеност.
Деск

