Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција соопшти дека најновите податоци на Државен завод за статистика на Северна Македонија покажуваат позитивни економски движења, при што растот на БДП, индустриското производство и вработеноста се во нагорна линија.
Според Мицкоски, повикувајќи се на податоци од Eurostat, Северна Македонија се наоѓа меѓу првите пет земји во Европа по раст на бруто-домашниот производ, споредено со достапните европски економии. Тој посочи дека земјата во последните неколку квартали бележи континуиран економски раст и се наоѓа во првата половина од европската листа според овој показател.
-Ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните притисоци. Можеби некој има дилема за развојот што го креираме, а ќе има и такви кои на ова ќе гледаат како со потсмев, но сакам да нагласам дека нашата цел е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот. Затоа што јас и сите ние мораме да веруваме дека можеме подобро и дека секој ден, секој час работиме Македонија да забрзува напред, кажа Мицкоски.
Во делот на индустриското производство, премиерот информираше дека во април е регистриран раст од 7,6% на годишно ниво, додека во првите четири месеци од годината индустриското производство бележи благ позитивен резултат од околу 0,2%.
Третиот показател што го истакна е пазарот на труд. Според изнесените податоци, бројот на вработени е зголемен за околу 16.000 до 17.000 лица во период од 21 месец. Мицкоски наведе дека бројот на вработени на крајот од март 2026 година изнесува 707.385, во споредба со 691.736 во јуни 2024 година.
Во своето обраќање, премиерот нагласи дека, и покрај глобалните економски и енергетски предизвици, земјата бележи позитивни движења и продолжува со политики насочени кон економски раст, инвестиции и отворање нови работни места.
Тој додаде дека Владата останува фокусирана на справување со економските притисоци, враќање на долговите, справување со енергетски предизвици и борба против корупцијата.
Мицкоски оцени дека економските резултати се доказ за „стабилност и напредок“ и најави продолжување на мерките за забрзан економски развој, повисок животен стандард и поголема конкурентност на економијата.
Деск
ЌЕ ИМА ТАКВИ КОИ НА ОВА ЌЕ ГЛЕДААТ СО ПОТСМЕВ, НО НИЕ СМЕ МЕЃУ ПРВИТЕ ПЕТ ВО ЕВРОПА ВО РАСТ НА БДП, ТВРДИ МИЦКОСКИ
2 Mins Read

