Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека во наредниот период ќе спроведува засилени контроли во сообраќајот, насочени кон возачите на мотоцикли, мопеди и електрични тротинети, и во рамки на акцијата во која како членка на Асоцијацијата на европски сообраќајни полиции – ROADPOL, учествува заедно со уште 34 европски земји.
Од МВР соопштуваат дека мерката се воведува поради зголемениот број учесници на овие превозни средства во сообраќајот, како и поради зачестени прекршоци и сообраќајни незгоди во кои тие се вклучени. Целта, како што наведуваат, е зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила.
Посебен акцент ќе биде ставен на електричните тротинети, кои сè почесто се користат во урбаните средини. Иако во моментов тие немаат посебна законска регулатива, во пракса најчесто се третираат слично како велосипеди. Тоа подразбира ограничена брзина, движење по велосипедски патеки или крајната десна страна од коловозот, како и задолжителна сигнализација и осветлување при возење во ноќни услови.
Од полицијата најавуваат дека ќе се проверува и користењето на заштитна опрема, како и почитувањето на правилата за безбедно учество во сообраќајот. За прекршителите се предвидени парични казни согласно важечките прописи.
МВР апелира до граѓаните кои користат вакви превозни средства да возат внимателно и одговорно, со цел да се намали ризикот од повреди и да се подобри целокупната безбедност во сообраќајот.
Деск

