Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка против четири лица – поранешниот директор Стефан Богоев и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект – поради сомнежи за злоупотреби поврзани со јавна набавка.
Според обвинителството, постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја злоупотребиле постапката за доделување договор за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали. Со наводно фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата, на избраниот правен субјект му била овозможена противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Од обезбедените докази произлегува дека првоосомничениот, во својство на поранешен директор на Царинската управа, ја искористил својата службена положба и влијание за да влијае врз тендерската постапка во корист на одреден понудувач. Второосомничениот, како помошник директор, наводно влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Во рамки на истрагата се обезбедени и докази за кривични дела поврзани со примање и давање награда за противзаконито влијание. Првоосомничениот, според сомнежите, примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на службената положба и влијание.
Од Обвинителството најавуваат дека до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, со цел непречено водење на кривичната постапка.
Деск
Previous ArticleПОЧНУВААТ ЗАСИЛЕНИ ПОЛИЦИСКИ КОНТРОЛИ ЗА ТРОТИНЕТИ И МОТОРИ!

