Виница добива нов значаен индустриски капацитет со инвестиција вредна 8,5 милиони евра. На 8 јуни официјално ќе биде пуштена во употреба новата фабрика за производство на вафли на компанијата ВИНЧИНИ, со што ќе се создадат нови можности за економски развој и вработување во регионот.
Според градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски, станува збор за една од најзначајните инвестиции во општината во последниот период, која претставува силен поттик за локалната економија.
На свеченото отворање најавено е присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Новата фабрика е изградена за само шест месеци и располага со две современи производни линии. Со почетокот на работата веднаш ќе бидат отворени 40 нови работни места, а во текот на следната година се планира вработување на уште 40 лица.
Од компанијата очекуваат со новата инвестиција производствените капацитети да се зголемат за околу 30 проценти, што ќе овозможи понатамошен раст и проширување на производството.
„Ова е одлична вест за Виница и за целиот регион. Секоја нова инвестиција носи нови работни места, нови можности за граѓаните и дополнително зајакнување на локалната економија“, истакна Костадиновски.
Тој додаде дека Општина Виница останува посветена на поддршка на инвестициските проекти кои придонесуваат за развој на македонската индустрија и создавање подобри услови за живот на граѓаните.
Деск

