Д Фестивал годинава најавува целосно бесплатен влез за целата своја програма, со што организаторите ја отвораат вратата за поширока публика и заедничка тридневна прослава на музиката и уметноста.
Фестивалот, кој ќе се одржи во Штип, ќе понуди 72 часа програма на пет сцени, со разновидна музичка понуда, јавни проекции, меѓу кои и гледање на светско првенство, како и дополнителни содржини како плоштадски активности и базар на рачни изработки.
Иако пристапот до програмата ќе биде бесплатен, посетителите кои сакаат да користат кампинг-зона ќе треба да набават билет во износ од 600 денари. Организаторите информираат дека остануваат ограничен број места, околу 500, и ги повикуваат заинтересираните навреме да обезбедат резервација.
За оние кои претходно купиле влезници, најавен е процес на рефундација, за кој ќе бидат контактирани преку електронска пошта во следните денови. Во случај на проблеми, е отворен и контакт-мејл за поддршка.
Со новиот пристап кон бесплатен влез, Д Фестивал годинава се позиционира како отворен културен настан кој има за цел да ја зголеми достапноста и да привлече што поголем број посетители.
В.К.
Фото: Стефан Самандов

