-Страшно го доживеав неговото заминување. И се уште ми е тешко кога ќе помислам дека го нема. Се сеќавам на нашата последна средба на концерт, тој беше навистина посебен. Имав 22 години, а тоа е возраст кога сакаш – навистина сакаш, раскажуваше познатата поп пејачка Сања Долежал од Нови Фосили, за својата љубов со легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ (1964-1993).

Секое заедничко појавување на познатиот пар своевремено беше вистинска атракција. И двајцата беа млади, познати и успешни, секој во својата област. До денес во хрватските медиуми често се објавува приказната за нивната прва средба, која ја договорил менаџерот Зоран Шкугор. Им бил потребен маркентиншки трик, атракција со која ќе се привлечат медиумите и читателите, па на првата договорена средба со Сања, Дражен дошол заедно со неговите родители. Но, тоа кое требало да биде само трик за привлекување на медиумско внимание, набргу прераснало во вистинска љубов.
-Првично, фоторепортери ја фотографираа Сања како навива за Дражен за време на натпревари, а него пак, на нејзините концерти. Но, се јавија искри помеѓу нив и тие почнаа да се забавуваат. Врската им траеше една година и направи бум во медиумскиот простор. И двајцата беа млади, популарни, а одлично знаеја да се носат со товарот на славата. Таа година Сања и Дражен живееја еден за друг, но разделеноста си го направи своето. Сања имаше и по 200 концерти годишно, Дражен играше низ светот, и во 1986 година се разделија, раскажуваше менаџерот Шкугор.
-Песната ,,Још те волим” која ја отпеав со Фосили, секогаш ме потсетува на него. Драга песна ми е и ,,Само ми се јави”, и во неа постои една таква огромна тага, која често знае да ме расплаче, раскажа Долежал за хрватските медиуми.
Дражен Петровиќ беше југословенски и хрватски кошаркар, еден од најдобрите во Европа на сите времиња. Почина на 28-годишна возраст, на денешен ден во 1993 година, како совозач во сообраќајна несреќа во Германија. Во 2006 година во Загреб беше откриен негов споменик, висок четири метри, а исто така градот има и плоштад кој го носи неговото име.
В.К.

