Во Програмската платформа „Твоја држава – твоја шанса“ на СДСМ, која беше промовирана вчера на 32 програмски Конгрес на партијата, најавена е скратена работна недела, односно, како што е истакнато, 4 дена работа, седум дена живот.
-Станавме нација со најдолг работен циклус во Европа – нација која е најпреработена, најисцрпена и соочена со масовен „burnout“. Македонскиот работник денес е заробен во машина која не запира – жртва на предаторски капитализам кој систематски го деградира достоинството на трудот. Цената на овој профит ја плаќаат нашите деца кои не нè гледаат, нашите родители кои ги забораваме и нашето здравје кое го жртвуваме. Додека профитите на корпоративните елити ескалираат, ние сме заглавени во работна недела која трае предолго, испоплетена со неплатени прекувремени часови. Дигиталниот терор и телефоните што ѕвонат долго по завршувањето на смената го крадат основното право на приватност и мир, пишува во платформата.
Решението кое го нуди СДСМ во платформата гласи – Работи паметно, живеј достоинствено.
-Четири дена работа за пет дена достоинство. Нашето решение е враќање на контролата врз сопствениот живот. Време е за модел кој го става човекот пред профитот, овозможувајќи му на секој поединец да се развива, да одмара и да биде присутен за своите најблиски без да биде скршен од немилосрдниот работен ритам, истакнато е во Програмската платформа. Понатаму е појаснето како планираат да го направат тоа.
-ОФЛАЈН ЖИВОТ! По 16:00 часот, престанувате да бидете ресурс и станувате човек. Гарантираме законско право на дигитално исклучување – вашето слободно време е само ваше.
Државата нуди директни субвенции за сите компании кои ќе тестираат скратена работна недела. Наградуваме ефикасност која го почитува работникот.
Ставаме крај на дискриминацијата врз основа на годините. Воведуваме пократки работни часови за повозрасните работници како признание за нивниот придонес и виталност.
Обезбедуваме скратено работно време за лицата со попреченост и оние во процес на закрепнување. Здравјето и грижата секогаш се на прво место.
Го прилагодуваме работниот модел според специфичностите на секоја индустрија. Секој сектор заслужува сопствен план за достоинствен и одморен работник.
4 ДЕНА РАБОТА – 7 ДЕНА ЖИВОТ, пишува во платформата на СДСМ.
Деск

