Македонската танчерка Мила Србиноска постигна историски успех на Европското првенство во хип-хоп, освојувајќи два сребрени медали и станувајќи првиот македонски натпреварувач што освоил два медали на едно европско првенство во хип-хоп дисциплините.
По сребрениот медал во дисциплината All Style Battles, Србиноска освои уште едно сребро во категоријата Hip Hop Solo Juniors 2, каде што се натпреваруваа дури 110 учесници од повеќе европски земји.
Со овој резултат, младата македонска шампионка уште еднаш го потврди своето место меѓу најдобрите европски и светски танчери. Нејзиниот најнов успех претставува продолжение на успешната кариера во која веќе се запишани титулите европски шампион во 2017 година и светски шампион во 2024 година.
Од танцовото студио „Break A Leg“ истакнаа дека зад овој успех стојат долгогодишна посветеност, дисциплина, напорни тренинзи и голема љубов кон танцот.
„Горди сме што Мила повторно го носи името на нашето студио и на Македонија на европскиот подиум“, порачаа од студиото.
Воедно, од „Break A Leg“ упатија благодарност и до тренерот и ментор Андријана Петковски, која, според нив, има значајна улога во развојот и успесите на младата танчерка.
Настапите на Србиноска на Европското првенство сè уште не се завршени, а пред неа останува уште една дисциплина во која ќе има можност да се бори за нов висок пласман и уште едно одличје за Македонија.
В.К.
Previous ArticleСДСМ ГАРАНТИРА РАСТ ОД 50 ПРОЦЕНТИ НА СИТЕ ПЕНЗИИ ВО ЕДЕН МАНДАТ

