-Со лентата за коса и ја сокривме раната на главата за време на погребот. Раната на градите и ја покривме со фустанот кој и беше омилен. Пресудата која ќе биде изречена не е за да го врати минатото, туку за да ја спаси иднината, сведочеше денес Нина Кобиљски, мајка на девојче кое беше убиено од страна на Коста Кецмановиќ на трети мај 2023 година, во масакрот кој кој тој го изврши во основното училиште Владислав Рибникар во Белград.
Пресудата против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ е закажана на 18 јуни. Вишото јавно обвинителство во Белград, му предложи на судот Кецмановиќ да бидат осудени на максимални затворски казни. Предложена е единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци за Владимир Кецмановиќ и тригодишна затворска казна за Миљана Кецмановиќ. Нивниот син Коста пред да наполни 14 години, ладнокрвно уби 10 лица, од кои 9 ученици и чуварот во училиштето, а рани уште пет други деца и една наставничка.
-Кога тргна тој ден на училиште, сестра ми понесе бисквити. Тој пак, понесе оружје. Ми ја зедовте сестрата, не се залажувајте, виновни се – гласеше пораката во писмото кое беше прочитано во судница, а кое го доставило семејството Мартиновиќ, чија ќерка и сестра исто така е помеѓу жртвите на Кецмановиќ.
-Децата не се раѓаат како злосторници. И се ќе беше поинаку доколку татко му го носел на литургија, наместо на стрелиште, и срамота е таткото да не се обвинува самиот себе, кажаа адвокатите на семејствата на жртвите.
Според обвинителството, родителите не ја препознале опасноста, не го ограничиле пристапот до оружје и не обезбедиле соодветен надзор над детето и токму тие пропусти довеле до катастрофални последици за жртвите, нивните семејства и целото општество.
Одбраната на брачниот пар Кецмановиќ, пак, тврди дека наводите од обвинението не се докажани и побара ослободителна пресуда.
Деск

