Во свечена и емотивна атмосфера, првата генерација матуранти од Гимназијата “Свети Кирил и Методиј” Неготино, се собра по повод големиот јубилеј – 60 години од матурирањето. Настанот ги обедини поранешните соученици кои, и покрај изминатите шест децении, со радост и возбуда повторно ги оживеаја спомените од своите училишни денови. Во ресторан во градот, присутните се потсетија на годините поминати во училишните клупи, на професорите кои ги образувале и на пријателствата кои траат целиот живот. Дел од матурантите допатуваа од различни градови во земјата за да бидат дел од овој значаен настан.
-Јубилејот „60 години матура“ претставува значаен настан не само за учесниците, туку и за локалната заедница, која со гордост се сеќава на првата генерација матуранти и нивниот придонес во развојот на Неготино и пошироко. Евоциравме спомени за време на средбата, ги спомнавме и оние наши соученици, кои не се повеќе меѓу живите, и потсетивме дека ваквите средби се можност да се зачува чувството на припадност и да се оддаде почит на генерацијата која ги поставила темелите на средното образование во градот, за ВИКИМЕДИА вели Зорка Глигорова, пензионирана професорка по Македонски јазик, која освен што била ученичка во гимназијата, таму го помина и својот работен век.
Почетоците на гимназијата во Неготино датираат од 1963 година. Желбата за нејзино отворање во градот била голема, првенствено поради тоа што учењето во други градови не било лесно и носело материјални трошоци за семејствата на учениците. Бил формиран Иницијативен одбор во градот и се донела одлука да се побара од Министерството за образование отворање на гимназија во градот, на што бил добиен позитивен одговор.
Големите стопански организации одобриле финансиски средства за купување на инвентар за десет паралелки, се набавиле клупи, столови, табли, како и помагала за опремување на кабинетите по хемија и биологија.

За неполни два дена, се запишале 166 ученици и се оформиле паралелките, а наставен кадар се обезбедил од постојните професори од општината.
Започнала наставата, а со ученички акции се уредил дворот, бил оформен оркестар и хор, рецитаторска, драмска и литературна секција, и во училишната зграда се чувствувал динамичен живот, полн со младешки елан и ведрина.
Учениците оделе и на производна пракса, помагајќи во берба на памук, грозје, садење на тутун и друго. Со добиените средства се купиле инструменти и се оформил училишен оркестар кој редовно настапувал, а се обезбедиле и средства потребни за наставата, како и за одење на заеднички екскурзии во Грција, Трст, Венеција, Рим и низ Југославија.
Отворањето на гимназијата ги оправдало очекувањата на граѓаните.
Од првата генерација матурнати, како што раскажа професорката Глигорова, излегле доста успешни луѓе, помеѓу кои професори, лекари, инженери…
-На денешниот настан изразивме желба ваквите средби да продолжат и во иднина, како потсетник на едно убаво време, но и како доказ дека вистинските пријателства остануваат силни и по шест децении, ни изјави професорката.
Вики Клинчарова

