Паднал од столче среде сцена во театарот, и додека офкал од болки, публиката се смеела и му аплаудирала за одличната глума. Но, тој навистина се повредил, па завршил со десната рака во гипс. Ова е само една од многуте анегдоти која со години наназад се раскажува за големиот актер.
Тој за блиските беше Џумерко, а за пошироката јавност остана Итар Пејо, според истоимената улога во „Солунски патрдии“. На денешен ден пред 11 години, по долго боледување почина Благоја Спиркоски-Џумерко, на возраст од 69 години. Роден во Прилеп, го помина и целиот професионален ангажман во тамошниот Народен театар „Војдан Чернодрински“.
Освен на сцената, и приватно бил голем шегаџија, за кого се раскажуваше дека духовитоста ја наследил од неговата мајка Марија. Покрај театарски, оствари и бројни филмски улоги во тек на својот живот. Носител е на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ од 2011-година.
Деск

