Министерот за здравство Азир Алиу и претседателот на Владата Христијан Мицкоски вчера ја посетија Општата болница во Струмица по повод целосната реализација на проектот за реконструкција и адаптација на здравствената установа, со што значително се подобрени условите за лекување и работа во еден од најважните регионални здравствени центри во државата.
Во рамки на проектот, чија вкупна вредност изнесува 279,3 милиони денари, беа реализирани обемни градежни, инфраструктурни и технички зафати насочени кон модернизација на болничките капацитети. Со инвестицијата, болницата доби современи услови за функционирање и дополнително го зајакна својот капацитет за обезбедување здравствени услуги за повеќе од 200.000 жители од Струмица, Радовиш, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните општини.
За време на посетата, министерот Алиу истакна дека Министерството за здравство продолжува со вложувања во болничката инфраструктура со цел создавање модерен, ефикасен и достапен здравствен систем.
„За оваа установа обезбедивме и нова најсовремена медицинска опрема – компјутерски томограф во вредност од 43,5 милиони денари, а во изминатиот период се реализирани и 55 нови вработувања со цел зајакнување на кадарот“, изјави Алиу.
Од Министерството посочуваат дека инвестицијата претставува значаен чекор во процесот на регионализација на здравствените услуги, овозможувајќи им на граѓаните од Струмичко побрз и поквалитетен пристап до здравствена заштита поблиску до местото на живеење.
Реконструираната болница, според надлежните, ќе придонесе за унапредување на условите за лекување на пациентите и за подобрување на квалитетот на здравствените услуги во целиот југоисточен регион.
РЕАЛИЗИРАВМЕ 55 НОВИ ВРАБОТУВАЊА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАДАРОТ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ АЛИУ
2 Mins Read

