Македонската радио-телевизија (МРТ) ја избра Ана Стојаноска за претставничка на Македонија на Јуниорскиот избор за песна на Евровизија 2026, кој ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта.
Одлуката е донесена по одржана аудиција, на која младата пејачка се издвоила со своите вокални способности, сценска присутност и уметнички потенцијал. Според оценката на стручната комисија, Ана Стојаноска ги исполнила сите критериуми потребни за достојно претставување на земјата на престижниот меѓународен музички натпревар.
Песната со која ќе настапи македонската претставничка е избрана преку јавен конкурс за автори. Музиката е дело на композиторот Никола Мицевски, додека текстот го потпишува Илчо Нечовски, познат како член на музичката група „Дупер“.
Од МРТ информираат дека подготовките за настапот веќе започнале, а во наредниот период јавноста ќе биде запознаена со насловот на песната, официјалниот видеоспот и останатите детали поврзани со македонското учество на Јуниорскиот Евросонг 2026.
Македонија со години е дел од ова музичко натпреварување, кое претставува значајна платформа за афирмација на младите музички таленти од Европа и пошироко. Очекувањата се дека Ана Стојаноска ќе ја продолжи традицијата на успешни настапи и ќе ја претстави земјата во најдобро светло на сцената во Малта.
Previous ArticleТОМ КРУЗ ПОВТОРНО ВО АКЦИЈА: „ТОП ГАН 3“ ВО ПОДГОТОВКА

