Од 17 до 19 јули 2026 година, Прилеп повторно ќе биде домаќин на една од најголемите и најпосетени културно-забавни манифестации во земјава – Пиво Фестивал, кој оваа година ќе го одбележи своето 23-то издание.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, преку објава информираше дека подготовките за фестивалот се во тек и дека градот ќе биде подготвен да ги пречека илјадниците посетители од Македонија и регионот.
„Со поддршка на Општина Прилеп и во организација на здружението ‘Вајб Евентс’, и оваа година ќе имаме три незаборавни фестивалски вечери исполнети со врвна музичка програма, вкусна прилепска скара, богата понуда на пиво и одлична атмосфера во срцето на градот“, истакна Проданоски.
Според најавите, годинашното издание на фестивалот ќе донесе и атрактивна музичка програма со настапи на познатите регионални музички ѕвезди Џенан Лончаревиќ, Милица Павловиќ и Јелена Розга, како и други изведувачи чии имиња дополнително ќе бидат објавени од организаторите.
Локалната самоуправа, заедно со јавните претпријатија, надлежните служби и институции, веќе работи на организациските и логистичките подготовки за успешна реализација на фестивалот, со цел Прилеп уште еднаш да се покаже како добар домаќин на бројните гости.
Пиво Фестивал традиционално привлекува десетици илјади посетители и претставува еден од најзначајните туристички и забавни настани во земјата, препознатлив по богатата музичка програма, гастрономската понуда и фестивалската атмосфера.
Годинашното издание ќе се одржи од 17 до 19 јули на повеќе локации во централното градско подрачје на Прилеп.
Б.Н.
Previous ArticleРОДИТЕЛИТЕ НА КОСТА КЕЦМАНОВИЌ ОСУДЕНИ НА ЗАТВОРСКИ КАЗНИ

