-Едно дете ме расплака од Гостивар, Александар, Алек се викаше, ме расплака… Му викам, што е за тебе среќа? И тој ми вика – Што е среќа? Како да бидеш среќен? Па јас се имам, имам татко, имам мајка, имам брат, не ми треба ништо друго. Онака, ме стаписа… Доволно за среќа, и повеќе од доволно. А навистина, што друго недостига? Немаше таму ништо материјално, но едноставно, вика што друго ми треба, имам се за среќа – раскажа актерот Сашко Коцев за случката која го трогнала и за момчето кое живеело во скромни услови, а во една реченица кажало нешто што многумина го бараат целиот живот.
Приказната која потсетува дека вистинската среќа не се наоѓа во луксузот и богатството, туку во прегратката на семејството, во љубовта што ја добиваме и во луѓето кои остануваат покрај нас кога ни е најпотребно, Коцев ја раскажа во емисијата „Да си кажеме“ на Горан Петрески, а се емитуваше на ТВ Телма.
Среќата не секогаш живее во големите куќи, скапите подароци или богатството. Понекогаш таа се крие во семејната трпеза, во грижата на родителите и во смеата споделена со братот.
Иако немало многу материјални добра, момчето поседувало нешто многу повредно – љубов, дом и семејство. Понекогаш трчаме по работи за кои мислиме дека ќе нè направат среќни, а забораваме да го цениме она што веќе го имаме.

