-Можете да мислите како само изгледа кога некој заминува, а вие не знаете што да направите во тој момент. И гледате како си оди некој кого сте го сакале 53 години… До последен ден со него се шетавме, се грижев за него на еден посебен начин, со многу љубов. Претчувствував како ќе биде, и нашиот син умираше на сличен начин. Љубиша беше болен долго време и смртта не дојде ненадејно. Тоа беше агонија која траеше долго, раскажа пред неколку години Мирјана, сопругата на великанот на југословенското глумиште Љубиша Самарџиќ (1936- 2017).

Актерот кој е роден во Скопје, во рударско семејство, останал без татко многу млад. Го изгледала мајка му, со скромна рударска пензија. Тој го продолжил животот во Белград, и беше човек кого публиката искрено го сакаше, а негови реплики од култните филмови и до денес се актуелни. Смртта на неговиот син Драган, кој почина на 34-годишна возраст од леукемија во 2001 година, беше неговиот најголем животен удар.
-Кога заминуваше Драган, јас мислев дека нема да можам да издржам и дека и мене набргу ќе ми дојде крајот. Но, Мирјана ме тргна, ме натера да продолжам да работам, бидејќи, како што ми рече, во работата ќе најдам смисла за мојот опстанок, раскажуваше Љубиша за српските медиуми.
Веста дека има тумор на мозок ја дознал во 2014 година, и ја споделил само со најблиските. Не сакал во јавност да изнесува детали за своето здравје, не сакал сожалување, и сакал да замине достоинствено. Сметал дека уметникот треба да биде запамтен по делото и по емоциите кои и ги оставил на публиката, а не по личните борби. Три години се борел храбро, а почина на 81-годишна возраст, останувајќи запамтен како едно од заштитните лица на југословенската кинематографија.
В.К.

