На предлог на Министерството за здравство, Владата донесе одлука за усвојување на информацијата за формирање на Центар за итна медицинска помош Скопје, со што започнува процес на реорганизација на системот за итна медицинска помош во главниот град.
Со новата реформа се предвидува издвојување на Итната медицинска помош (ИМП) Скопје во самостојна институција, која треба да овозможи поефикасно управување со ресурсите, подобро организациско функционирање и побрз одговор на итните повици.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека станува збор за системска реформа насочена кон институционално зајакнување и модернизација на постојната служба, а не за создавање нов паралелен систем.
„Одвојувањето на Итната медицинска помош претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата“, наведува министерот, додавајќи дека со новиот модел ќе се овозможи побрзо донесување одлуки и подобро буџетско планирање.
Според планот, во првата фаза ИМП Скопје ќе функционира како самостојна институција, по што се предвидува постепено интегрирање на останатите служби во рамки на идниот Центар за итна медицинска помош на државно ниво.
Од Министерството нагласуваат дека реформата се темели на позитивни искуства од земјите во регионот, каде итната медицинска помош е организирана како посебна институционална структура, што придонесува за подобра координација, поефикасно користење на ресурсите и унифицирани стандарди на работа.
Со формирањето на Центарот се очекува и надминување на долгогодишните кадровски и организациски предизвици, како и унапредување на квалитетот и брзината на медицинската интервенција во итни случаи.

