Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен акт против 25-годишниот Трајчо Б. жител на Старо Нагоричане, кој се товари за четири кривични дела убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, како и за два обиди за убиство. Од Обвинителството велат дека се работи за умислено лишување од живот на повеќе лица, и за овие дела е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Според вештачењата извршени во текот на истрагата, мотивот за делата бил задоволување полови страсти спрема мртви женски тела.
Обвинетиот влегувал во куќите на жени за кои знаел дека се сами и со физички напад и задушување ги лишувал од живот. Ноќта помеѓу 5 и 6 јануари 2025 година, обвинетиот во селото Клечовце физички нападнал и задушил повозрасна жена додека спиела во својот дом. Од здобиените повреди жената починала. Во периодот меѓу 5 и 7 јуни истата година, во село Драгоманце, на сличен начин лишил од живот уште една жена.
Наредниот месец, односно на 22 јули, во селото Челопек се обидел да лиши од живот жена, но таа повикала помош по што обвинетиот побегнал. На почетокот на оваа година, во вечерните часови меѓу 17 и 18 јануари во село Старо Нагоричане, на ист начин лишил од живот помлада жена во нејзиниот дом, а за која знаел дека е сама.
Во вечерните часови меѓу 5 и 6 февруари годинава во село Челопек, лишил од живот повозрасна жена. Последниот евидентиран случај е на 9 февруари годинава кога во село Челопек се обидел да изврши убиство врз уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и го напуштил местото.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.
ОТКРИЕН МОТИВОТ ЗА УБИСТВАТА НА ЖЕНИТЕ ВО КУМАНОВСКО: ТРАЈЧО СЕ СООЧУВА СО КАЗНА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР!
2 Mins Read

